Семејството на Сара бара протестот пред Обвинителството да биде откажан: Да не се користи за политички цели, „Сега ни треба мир“
16/11/2026 21:04
Семејството на Сара Георгиевска од Охрид упати апел до граѓаните да не доаѓаат на најавениот протест пред Основното јавно обвинителство, закажан за утре во 18 часот. Велат дека се благодарни за поддршката, но дека во овој момент најважни им се мирот и закрепнувањето на нивната 26-годишна ќерка.
Како што пренесува Ohrid1, семејството е задоволно од последниот развој на настаните во случајот, откако предметот го презела нова обвинителка, а за осомничениот повторно бил побаран и определен притвор.
Предметот го презема друга обвинителка
Случајот досега го водеше обвинителот Стојанчо Арнаудоски, а сега предметот го презема обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска од Основното јавно обвинителство Охрид.
Родителите велат дека Сара сè уште е во шок од насилството и дека зад нив се повеќе од 40 часа неизвесност и лекување по болниците.
Според нив, таа не е информирана ниту за најавениот протест, ниту за реакциите што случајот ги предизвика во јавноста.
„Нашата ќерка сè уште не знае каков одек има случајот во јавноста. Не знае што сè е објавено, ниту дека се најавува протест. Таа сè уште е во шок и полека се враќа на себе. Нам сега ни треба мир“, порачува семејството.
Не сакаат политизација на случајот
Родителите нагласуваат дека не сакаат случајот да добие политичка димензија или да биде искористен за политички пресметки.
Тие бараат институциите професионално и непристрасно да ја завршат својата работа, а одговорните за насилството да бидат изведени пред лицето на правдата.
Семејството на Сара Георгиевска повторно апелира јавноста да го почитува нивното барање за мир, додека нивната ќерка закрепнува од преживеаното.






