MKinformer

your daily dose of news

Кој ќе ја добие војната на крај меѓу „капитенот“ Груби и „огнените“?

13/03/2023 13:34

Внатрепартиската војна во ДУИ се ближи кон целосна ескалација меѓу приврзаниците на партискиот лидер Али Ахмети и „огнената група“ предводена од Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и други видни партиски лица, кои бараат промена на министрите од нивната партија, при што главниот таргет им е вицепремиерот Артан Груби.

Како што велат за „Фокус“ извори од раководството на ДУИ, планот на Ахмети е прво да ги истисне „огнените“ од локалните структури, а потоа да ги елиминира и од партиските функции на централно нив. Всушност, тоа треба да се направи низ процесот на избор на нови раководства на локалните ограноци, за што веќе течат постапки.

За разлика од порано, внатрепартиските избори сега се спроведуваат според принципот еден човек/член – еден глас. После последниот конгрес во 2019 година, формирана е Централна изборна комисија на чело со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми. Ниту еден член на оваа комисија, велат нашите соговорници, не важи за близок до „огнената група“.

–Во десетина ограноци каде загубивме на локалните избори, како Тетово и Гостивар, веќе се спроведоа избори на овој начин, а сега останува да се спроведат редовни избори во сите други, меѓу кои се и Чаир и Сарај, кои важат за бастиони на „огнените“. Иако имаат реално влијание, сепак, тоа се повеќе им се намалува – вели висок функционер на ДУИ.

Тој објаснува дека комисијата за спроведување на внатрепартиските избори на општинските изборни комисии им дава рок од 2 месеци за ажурирање на списоците со членови. Патем, нема никакви ограничувања за зачленување на нови членови, кои ќе имаат право на глас во изборите на матичните ограноци. Меѓутоа, тие нема да можат да се кандидираат за функција без стаж поголем од 6 месеци.

Тоа значи дека битката меѓу „ахметистите“ и „огнените“ ќе се разгори при изборот на нови општински раководства. Како што истакнуваат негови блиски соработници, Ахмети е повеќе од сигурен дека ќе ја добие оваа битка како резултат на неговиот лидерски авторитет. Згора на тоа, изборната комисијата не е под контрола на „огнените“, а освен што е битно кој гласа, секогаш битно е и кој брои.

Ако го загубат влијанието во ограноците, тогаш „огнената група“ сигурно ќе ги загуби и партиските позиции што неодамна ги доби при обидот да се закопаат секирите меѓу двете спротивставени страни. Како што е познато, тогаш пратеникот Меџити ја задржа потпретседателската функција, градоначалникот на Сарај Беџети стана организациски секретар, а Џафери прв човек на Надзорниот одбор.

–Моментално, од триесетина члена на Централното претседателство, „огнените“ имаат поддршка од 7-8. Во Генералното собрание со стотина луѓе, пак, имаат поддршка не поголема од 20. Полека, ја губат поддршката и во матичните ограноци и тоа ќе се види на претстојните внатрепартиски избори – вели функционер на ДУИ.

Наспроти тоа, од „огнената група“ тврдат дека имаат реална поддршка во базата и планираат да ја водат битката и во иднина. Засега, вели еден од фронтмените на „огнените“, ниту размислуваат ниту заговараат формирање на нова политичка партија, како што се погласно се говори во дел од јавноста.

error: Содржината е заштитена од копирање !!