MKinformer

your daily dose of news

Зашто чуварот на нашиот бисер Охридксо езеро, ЈП „Колекторски систем“ Охрид плаќа 20% поскапа струја и книжи огромни загуби

04/07/2024 10:05

Црно им се пишува на многу комунални јавни претпријатија ширум Македонија заради тоа што плаќаат струја по цени поскапи од тие по кои струјата се тргува на берзите. Најнов и веројатно најстрашен досега пример е ЈП „Колекторски систем“ од Охрид. Ова претпријатие стопанисува со системот за собирање фекални води од Охрид, Струја и цело крајбрежје. Ова претпријатие е последниот браник кој ја штити нашата гордост Охридското езеро да не дожиее еколошка катастрофа. Треба ли таква фирма, од највисоко стратешко државно значење која воедно е непрофитна и чија дејност е регулирана да плаќа струја поскапа од таа на берзата за 19 oтсто?

ЈП „Колекторски систем“ подружница Охрид на тендер избра снабдувач од кој струјата што ја набавува ќе ја плаќа 19 отсто поскапо во споредба со цената што за тој период ќе биде постигната на унгарската берза ХУПЕКС. Договорот за снабдување меѓу охридската подружница на ова јавно претпријатие и снабдувачот ЕДС ќе важи една година (до јули идната година) и е достапен на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/e87c4864-8b5e-4800-a73f-55f1a5d2771d

Според нашата евиденција на тендери со кои јавни институции, општини, школи, болници и комунални претпријатија набавуваат струја, охридски ЈП „Колекторски систем“ плаќа најскапо. Односно плаќа струја која е 19 отсто поскапа од струјата што во истиот период се тргува на берзата во ХУПЕКС (според нашата Регулаторна комисија за енергетика – референтен пазар за електрична енергија според кој на нашите тендери се прават условите за формирање на цените од понудите).

Инаку, ЕДС Скопје е единствен понудувач на тендерот и како и што може да се претпостави договорот за снабдување го доби по првичната односно највисоката понудена цена која всушност е и единствена понудена цена за услугата.

ЈП „Колекторски систем“ од Охрид е уште едно од низата комунални претпријатија кои се изложени на суровите и немилосрдни политики на сега веќе бившата влада. Затоа што овие јавни претпријатија и државни установи беа принудени да купуваат струја по берзански цени иако се непрофитни организации кои зависат од централниот буџет или пак чија цена на комуналната услуга ја утврдува Советот на општината во која имаат седиште или пак РКЕ.

Подолго од три години сите овие претпријатија, болници, училишта и други установи се изложени на пазарни цени за струја, а тоа прави директна или индиректна штета на централниот буџет или на општинските каси. Но, тоа никој од надлежните во периодот што е зад нас не најде за приоритетно да го промени.

Жално е тоа што заради нивната изложеност на пазарни цени  се доведени во големи загуби имаат нарушена тековна ликвидност и нивното опстојување е доведено во прашање.

Ако се анализира билансот на успех на охридски ЈП „Колекторски систем“ ќе се види дека неговата финансиска состојба најблаго речено е лоша. За последниот квартал 2023 година генерирале загуба од 740.000 евра , видно од линкот https://jumpshare.com/v/5PmTxNvJLY4XXvCwgQ2u а неговата акумулирана загуба надминува 3,1 милиони евра (извештајот за првото полугодие годинава)Но и покрај тоа РКЕ неодамна одлучила да им ја намали цената на услугата за прибирање води за пречистување во колекторскиот систем.

Зошто само еден снабдувач се јавил на тендерот ?

Финансиските податоци на ЈП „Колекторски систем“ во одредена мерка и нудат образложение на цената што им ја дал снабдувачот ЕДС за својата услуга. Голема веројатност е дека тоа е лошата солвентност на ЈП „Колекторски систем“ и неговата нарушена ликвидност.

Од анализата на податоците од биланост на успех и фактот што само еден снабдувач конкурирал на тендерот се наметнува заклучок дека ова јавно претпријатие не е дисциплиниран плаќач и дека секој што фаќа работа со нив си става „трн во здрава нога“. Економски гледано може да излезе дека снабдувачот всушност ќе треба да го кредитира јавното претпријатие за наплата. Ако е тоа така, а голема е веројатноста дека е, не е ниту чудно тоа што провизијата за снабдување е 19 отсто на ЈП „Колекторски систем“. Наспроти нив, на пример, ЈПДП плаќа 4 отсто провизија затоа што е ликвидна компанија и нема ризик од долго чекање за наплата на фактурите.

ИЗВОР: ФАКТОР.МК

error: Содржината е заштитена од копирање !!