Судиите ќе го тужат Уставниот суд пред меѓународниот суд во Стразбур поради законот за плати на судиите
15/07/2024 13:28Здружението на судии денеска испрати остра реакција за одлуката на Уставниот суд донесена во мај со којашто беа отфрлени иницијативите што ги поднесоа Здружението на судиите и Судскиот совет за поништување на одредбите од Законот за плати на судии.

Најавуваат нова иницијатива до Уставен и се заканија дека ќе го тужат Уставниот суд пред меѓународниот суд во Стразбур.
За Здружението е спорно тоа што одлуката на Уставен се применува ретроактивно, што според нив е неуставно и го цитираат членот 52 кој гласи „Законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните“.
-Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29.02.2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 01.02.2024 година, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата.
Согласно одлуката на Уставниот суд на РСМ: „Донесувањето на оспорените измени и други наведени измени на Законите беше резултат на реакција на јавноста по зголемување на платите на функционерите“, па во тој правец потребно е да се напомене дека платите на судиите од 2012 година се замрзнати иако во меѓувреме просечната плата во земјата двојно се зголеми. Затоа не треба да се манипулира со никакво зголемување на платите туку станува збор за законитo пресметување, пишуваат судиите во реакцијата.
Најзагрижувачко во одлуката на Уставен за Здружението, е неговото игнорирање на ретроактивното дејство во оспорениот закон и тоа што не дава образложение како применетото ретроактивно дејствие со кое се намалува плата на одредена група граѓани е поповолно за граѓаните.






