СТРУЈАТА ПОСКАПА ЗА 1% ВО НОВАТА ГОДИНА, ЕВТИНА ТАРИФА ОСТАНУВА БАРЕМ ДО ПРОЛЕТ
02/01/2025 9:42
Цената на електричната енергија за домаќинствата од денеска е поскапа за 0,92 проценти. Во првиот блок е повисока за 0,68 проценти, во вториот за 0,9, во третиот за 1,93 и во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа е поскапа за 0,9 проценти. Со тоа граѓаните ќе имаат минимално зголемување на сметките, а евтината дневна тарифа најмалку до пролетва останува од 13 до 15 часот. Просечно семејство кое досега имало сметка од 2.300 денари сега ќе треба да одвои само плус 21 денар за нејзино покривање.
Ова се овозможи откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) првпат го искористи контролниот механизам при определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи зошто универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, побара цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари да се зголеми за 4,4 проценти. Претходно РКЕ за седум проценти ја намали и мрежарината, а ЕСМ понуди цена од 62 евра за мегават час и покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини на тендерот на универзалниот снабдувач.
– Ова ни е прва одлука во која што го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум како универзален снабдувач до РКЕ достави на контрола и разгледување одлука на 5 декември. Согласно нивното барање цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција. За да обезбедиме ценовна стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин, рече неодамна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на прес-конференција.


![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)



