MKinformer

your daily dose of news

РКЕ планира поевтина струја за викендите

25/06/2026 11:48

РКЕ планира поевтина струја за викендите и во пладневните часови

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) анализира можност за проширување на евтината тарифа за електрична енергија. Една од опциите е таа, покрај во недела, да важи и во сабота, изјави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов.

Вишок на енергија за време на викендите

Ристов истакна дека за време на викендите има вишок електрична енергија на пазарот, бидејќи најголем дел од индустријата не работи. Се разгледува и можност за проширување на евтината дневна тарифа во периодот кога берзанските цени на струјата се најниски, околу пладневните часови.

“Факт е дека има еден убав период од 11 до 15 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон можеби ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија”, рече Ристов.

Ноќната тарифа неисплатлива

Тој истакна дека моментално најскапата енергија на пазарот е од 21 до 24 часот, токму кога важи ноќната евтина тарифа.

“Ние сега му викаме на ЕСМ ти давај ја енергијата по 65 евра за мегават-час во овој ноќен период без разлика што на берза е 300 евра. И тоа е економски неисплатливо”, објасни Ристов.

Јавна дебата пред одлуката

Тој нагласи дека сè уште не е донесена конечна одлука и дека пред евентуалните промени ќе има јавна дебата. Доколку анализите покажат дека мерките се поволни за граѓаните, новите тарифни модели би можеле да стапат во сила од 1 јануари 2027 година.

“Можно е новите тарифи да важат само одреден период, на пример од мај до септември кога има многу сонце. Сега за сега сè е на маса и правиме инженерски анализи”, заклучи Ристов.

error: Содржината е заштитена од копирање !!