Проблеми со парното греење во Скопје: Дел од граѓаните на Центар и понатаму без топлина
21/01/2025 12:59
Иако вчера од ЕСМ Снабдување со топлина информираа дека испораката на парно за граѓаните од Скопје е нормализирана во најкраток можен рок, делови од главниот град се уште се со ладни радијатори. Жителите на скопски Центар се мрзнат на минусни температури и се принудени да бараат алтернативни начини за да се стоплат.
Од државната компанија вчера појаснија дека интервенцијата која е во тек се однесува на магистралниот вод А, кој поминува преку булеварот „Кочо Рацин“ – на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен. Сепак, проблемот за жителите од овој дел на градот сè уште не е целосно решен и не е јасно кога ќе биде надминат.
Раководството на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија вчера го обвини претходното раководство, составено од кадри на СДСМ и ДУИ, за „негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа“, што според нив довело до овој проблем.
„Екипите на ЕСМ Дистрибуција продолжуваат со максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот. Дел од А водот е бајпасиран, санацијата е во тек и испораката на топлинска енергија тече непречено. Дефектот е веќе саниран и граѓаните на Град Скопје ќе имаат повторно нормализирана испорака на топлина“, изјави директорот Петар Милетиќ.
АД ЕСМ Снабдување исто така информираа дека кај дел од потрошувачите ќе има намалена испорака на топлинска енергија поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа.
Најголемата опозициска партија, СДСМ, побара формирање кризен штаб за брзо надминување на проблемот.
„Двата системи за греење, парно и електрично, се проектирани да работат паралелно. Сега, кога граѓаните се оставени без парно, се принудени да користат електрични греења, што е дополнителен притисок. Аматерски е од страна на владата да дозволи ова да се случи и да не го санира дефектот навреме, со што ја загрозува стабилноста на снабдувањето со топлина и струја“, изјавија од СДСМ.






