MKinformer

your daily dose of news

Владата објаснува зошто делови од Скопје останаа без греење: дефекти во старите водови

03/10/2025 13:30

Владата на Република Македонија денеска објави соопштение во кое објаснува зошто некои делови од Скопје останаа без греење, иако надворешните температури се ниски. Според соопштението, грејната сезона 2025/2026 официјално започнува на 15 октомври, но испораката на топлинска енергија може да започне и порано, ако прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови.

Во деновите пред официјалниот почеток на сезоната, се спроведуваат неопходни подготвителни процедури на системот, вклучувајќи ладни и топли проби. За време на овие процеси, се лоцираат одредени дефекти. Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони, се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти.

Според објаснувањето, топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.

За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија“.

Оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем. На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија.

Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек, тврдат од Владата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!