Гоце Трајковски, oсомничен за пожар и предложен сведок за убиството на Вања Ѓорчевска
23/01/2025 16:42
Гоце Трајковски, кој е предложен како сведок во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а истовремено осомничен за подметнување пожар, денеска сам се пријавил во полициската станица. Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), Трајковски се пријавил во ПС Кисела Вода.
Тој, заедно со таткото на убиеното девојче Вања, Александар Ѓорчевски, според досегашните искази од други сведоци, прибирал и прегледувал видео снимки од околните објекти. Иако е предложен како сведок од Обвинителството, судијата информираше дека Трајковски не беше достапен на органите на прогонот до почетокот на последното рочиште на 20 декември.
Обвинителката Жаклина Трајковска изјави дека Обвинителството не го повлекува предлогот за негово испитување, бидејќи постои можност тој да стане достапен во текот на постапката и да даде исказ за околности кои се значајни за случајот.
Се јави и дополнителен аспект за Гоце Трајковски, кој е осомничен за подметнување пожар во Кисела Вода, во објект во кој имало станари на горниот кат. Овој настан се случил неколку дена пред да се појави информацијата дека се чувствува лошо и дека не е достапен за давање исказ пред Судот.
Случајот се наоѓа во доказна постапка, а следното рочиште е закажано за 27 јануари годинава, кога ќе продолжи судењето пред судијата Ивица Стефановски.





