Продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
14/02/2025 10:45
Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На претходното рочиште беше сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа, собирајќи видео снимки.
Трајковски беше последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, но поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен за органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.
Претходно, Обвинителството презентираше видео материјали на кои беше забележано движењето на возилата кои биле користени за грабнување на Вања. За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да плати откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било извршено со намера да го присилат да им го предаде сопственото возило „Цитроен“, кое ќе го користеле за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.




