Скандал на Клиниката за респираторни заболувања: Симоновска разрешена по реакции на лекарите
04/02/2025 16:34
Каролина Симоновска беше разрешена од функцијата директор на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“. За новата директорка министерот Таравари ја назначи проф. д-р Катерина Бошковска, супспецијалист по педијатриска пулмологија, која над дваесет години е дел од тимот на оваа клиника.
Одлуката на Таравари следува по бројните реакции на Лекарскиот колегиум на клиниката, кој бараше итно разрешување на Симоновска. Таа, минатата недела, поднесе оставка како лекар, бронхоскопист и орл специјалист со долгогодишно искуство.
„Чашата ја прелеа“ нејзиниот начин на реакција по што побара од медиумите да не ја спомнуваат нејзиното име, презиме и професионален ангажман, иако таа беше на јавна функција. На ова, новинарските здруженија, како Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија, и укажаа дека јавната функција на која е избрана е подложна на медиумски мониторинг. Тие истакнаа дека со прифаќањето на јавната должност, Симоновска се согласила нејзината работа да биде предмет на јавна проверка. Исто така, ниту таа ниту било кој друг функционер не може да забрани да се споменува нивното име во контекст на вршењето на нивните јавни функции, кои се финансирани од државните средства.
На работањето на Симоновска претходно имаше реакции и од страна на дел од лекарите, кои со писмо до премиерот, министерот за здравство и националниот координатор за здравство побараа нејзино итно разрешување. Тие го образложија своето незадоволство за нејзината работа, посочувајќи проблеми како распаѓањето на бронхоскопскиот оддел и меѓучовечките несогласувања во Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.






