Гизела Бошковска алармира: Во центарот на Скопје пронајдено улично куче дислоцирано од Тирана
20/12/2025 17:54
Активистката за заштита на животните предупредува на сериозен проблем со нелегално прекугранично префрлање на бездомни кучиња.
Активистката за заштита на животните Гизела Бошковска преку објава на својот Фејсбук профил алармира за, како што наведува, сериозен и загрижувачки проблем со нелегално дислоцирање на бездомни кучиња во Скопје, вклучително и од странство.
„Нов ден – нови кучиња донесени во град Скопје, кој очигледно стана омилена дестинација за решавање на туѓи проблеми. Општини, градови, а овој пат и друга држава – Албанија“, пишува Бошковска.
Таа посочува дека во строгиот центар на Скопје налетала на куче со ушна маркица која, според неа, укажува дека животното е маркирано и дислоцирано од Тирана. Според активистката, ова не е изолиран случај, туку сериозен аларм за нелегално прекугранично префрлање на бездомни животни.
„Ова не е случајност, туку сериозен аларм за нелегално прекугранично дислоцирање на бездомни животни, спротивно на сите закони, протоколи и елементарни принципи на одговорност“, наведува таа.
Бошковска нагласува дека Скопје не смее да се претвори во депонија за туѓи институционални пропусти и потенцира дека проблемот со бездомните животни мора да се решава локално, системски и одговорно.
„Проблемот со бездомните животни се решава локално, системски и одговорно, а не со нивно тајно префрлање во друг град или држава“, стои во објавата на активистката.






