MKinformer

your daily dose of news

Сметководители протестираат пред Министерството за финансии: Бараат измени во законите и намалување на обврските

20/02/2025 16:37

Група сметководители, со свирежи и транспаренти со натписи како „Нема потпис, нема мир“, „Стоп за тиранијата со контрола на квалитет“ и „Фелата се буди“, денес организираа протест пред Министерството за финансии.

„Ајде да го разбудиме министерството. Каде се свирчињата? Свирете сите!“ – овие зборови ја исполнуваа атмосферата на протестот.

Протестантите ги искажаа своите жалби дека им е одземено правото на работа поради недостаток на доволно посетени часови за обука. Според нив, околу 3.000 сметководители не можат да потпишуваат годишни извештаи за 2024 година. Тие бараат измени во законодавството кои ќе го намалат бројот на задолжителните часови за обука и ослободување од обврската за сметководителите над 58 години. Критики беа упатени и кон Институтот за сметководители (ИСОС), кој беше обвинет за непотребен притисок врз професијата, со барање за ограничување на неговото влијание.

„Од Министерството за финансии бараме да преземат итни мерки за обезбедување на спроведување на законот и за елиминирање на самоволието на ИСОС. Бараме решение за сметководителите кои се привремено избришани од регистарот и не можат да потпишуваат годишни извештаи за 2024 година. Потребно е да се донесат законски измени кои ќе му ги ограничат ингеренциите на ИСОС во контролата на квалитет“, изјави Сашо Цветановски, претставник на неформалната група на професионални сметководители.

Протестот го посетила и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

„Добар ден, повелете. Досега примив неколку записници. Кажете ми кој е вашиот проблем“, изјави Кочоска, која ги сослуша барањата на протестантите и ги повика да ги достават официјално во архивата на Министерството.

„Имаме решение. Предлог-законот беше поднесен преку архива бидејќи ако одевме преку Влада, тоа ќе одзело повеќе време. Со ова, процесот оди побрзо преку Собрание. Постојат многу сметководители, а вие тука сте само една група. Треба да најдеме решение што ќе биде фер и за едната и за другата страна“, додаде Кочоска.

Закон за сметководствени работи, кој беше усвоен во 2022 година, предвидува задолжителна професионална едукација, испит за влез во професијата, законска одговорност за правилно водење на сметководството и формирање на надзорно тело за обезбедување на спроведување на обуките.

error: Содржината е заштитена од копирање !!