MKinformer

your daily dose of news

Го враќаме сончогледот на нивите: Државни субвенции и нови аграрни стратегии

24/02/2025 13:26

Маслодајните култури постепено се враќаат на македонските полиња, но сме далеку од периодот кога нашата држава го имала приматот во производството на афион, лен и маслодајна репка. Високата цена на маслото и поволните субвенции помогнаа да се „воскресне“ сончогледот на земјоделските површини.

„Без разлика на зголемените површини, многу тешко ќе ги задоволиме нашите потреби. На рафтовите често се наоѓа увоз од различни земји, особено од Србија, но добро е што државата ги зголеми субвенциите,“ вели проф. Љупчо Михајлов од Земјоделскиот факултет при УГД-Штип.

Според него, земјоделците треба да се фокусираат на порано сеидба на сончогледот, бидејќи растението може да издржи ниски температури. Најдобро е да се сади во март и да се користат високо квалитетни хибриди, пренесува АЛФА.

„Сончогледот треба да се сади во март, за да може да развие кореновиот систем на поголема длабочина. Ако настапат пролетни суши, растението нема да страда од недостиг на вода, а и ќе биде поотпорно на други климатски промени,“ додава проф. Михајлов.

Тој исто така советува дека во Овчеполието е ризично да се сади сончоглед, но земјоделците треба да обрнат внимание и на културите како лен и маслодајна репка, кои успешно можат да се одгледуваат на нашите полиња.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најголем број на засеани површини со сончоглед бил забележан во 1989 година, кога биле покриени 46.000 хектари, додека во 2014 година само 4.000 хектари. Драстичниот пад на површините засеани со сончоглед е резултат на лошите аграрни политики, како и ниските откупни цени во минатото.

error: Содржината е заштитена од копирање !!