Врнежи од снег и дожд, со благ пораст на температурите
18/03/2025 9:29
Претпладнево, во западните и југозападните делови на земјата се очекуваат врнежи од дожд и снег на пониските места, додека на повисоките делови и на планините ќе има формирање на нова снежна покривка. Попладне, облачноста ќе се намали.
Минималната температура ќе се движи во интервалот од -3 до 5°C, додека максималната ќе достигне од 2 до 10°C. Во Скопје, ќе биде променливо облачно со умерен до засилен северен ветер, а претпладнево во делови од котлината ќе има услови за слаб снег. Минималната температура во главниот град ќе падне до 3°C, а максималната ќе достигне 10°C.
Во следните денови, се очекува период на стабилно време со ниски утрински температури кои до петок ќе бидат под нула. Дневните температури ќе бидат во пораст.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози во западните и југозападните делови од земјата, а на повисоките места има остатоци од кашест снег на коловозите. Во останатите делови на земјата, коловозите се претежно суви.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово, Крушево, на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Забраните за сообраќај за тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража и крак Маврово – Дебар се укинуваат во 5:30 часот, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.




