Во 95 проценти од зградите каде што извршивме инспекција, утврдивме неправилности кои може да ги чини многу скапо станарите, вели Плотников
20/03/2025 20:40
Трагедијата во Кочани, која однесе 59 животи, конечно ја разбуди свеста за сериозните недостатоци во безбедноста на зградите и противпожарната заштита во колективните станбени објекти. Овој пожар ја истакна потребата за засилени контроли на хидрантските мрежи, противпожарните апарати и евакуационите патишта.
Општина Карпош беше првата која најави акција на Инспекторатот, која вклучува проверка на исправноста на хидрантските мрежи, достапноста на противпожарните апарати и нивната функционалност, како и проверка дали станарите знаат да ги користат овие уреди. Локалните власти истакнуваат дека оваа акција има за цел ажурирање на податоците за безбедноста во зградите, а Заедниците на сопственици добија рок од седум дена да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Додека, станарите и претседателите на Заедниците треба да пријават ако има блокирани противпожарни скали, за да се спречи можни последици во случај на пожар.
Во Општина Кисела Вода, инспекторите, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, исто така спроведуваат засилени контроли, со акцент на новоизградените згради каде противпожарните системи се дел од проектната документација. За разлика од нив, состојбата со постарите објекти е далеку посложена. Од досегашните контроли, утврдено е дека во 80% од зградите хидрантската мрежа е функционална.
Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминативе години извршил инспекции во над 3.000 станбени влезови, од кои 95% имаат неправилности во безбедносните системи. Куќните совети добиваат препораки за подобрување на безбедноста, но интересот за ова останува слаб. Претседателот на Противпожарниот сојуз, Петар Плотников, истакнува дека, за жал, многу станари ќе се свестат за сериозноста на ситуацијата само по трагични инциденти.






