Костадинов по оставката на Земон: Скапо чини играњето кадровски рулет
23/05/2026 8:57
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, остро ја искритикува кадровската политика на СДСМ, оценувајќи дека партијата плаќа висока цена за, како што вели, „играњето кадровски рулет“.
Неговата реакција доаѓа откако Рубин Земон поднесе оставка од функцијата член на Извршниот одбор на СДСМ, само неколку месеци по неговото именување.
Костадинов на социјалните мрежи порача дека последните случувања се јасен доказ колку скапо може да ја чини партијата погрешната кадровска стратегија.
„Денешниве случувања се чист доказ колку скапо чини играњето кадровски рулет во политиката, класично дежа ву на Струмица во предизборието на локалните избори“, напиша Костадинов.
Тој додава дека на СДСМ во овој момент не ѝ се потребни импровизации, туку сериозна внатрешна консолидација.
„На СДСМ очајно му треба внатрешна консолидација, а не ад хок комбинаторики“, наведува Костадинов.
Во продолжение на објавата, тој посочува дека неговата критика не е насочена лично кон Рубин Земон, туку кон начинот на кој се носат одлуките во партијата.
„Сакам да истакнам дека немам апсолутно никаква намера да ја навредам личноста или делувањето на мојот пријател Рубин Земон, ова е проблем на стратегијата и принципите, а не на поединецот“, напиша Костадинов.
Оставката на Земон така доби поширок политички контекст, отворајќи нови прашања за внатрешната организација, кадровските потези и стратегијата на СДСМ во пресрет на локалните избори.






