MKinformer

your daily dose of news

Три дискотеки затворени кои имаат лиценца, но не ги исполнуваат техничките услови

19/03/2025 14:24

Три дискотеки во земјата се затворени поради тоа што не ги исполнуваат потребните технички услови за добивање лиценца за работа. Портпаролката на Владата, Марија Митева, изјави на денешната прес-конференција дека се вршат контроли во девет дискотеки кои веќе имаат добиено лиценца.

„Трите дискотеки ќе им бидат одземени лиценците и ќе бидат изречени максимални казни. По завршувањето на проверките на објектите со важечки лиценци, ќе се премине на контрола на сите дискотеки кои не поседуваат лиценца, а работеле во минатото“, рече Митева.

Според податоците од Пазарната инспекција, во државата има само 22 дискотеки со важечки лиценци за работа, додека кај 15 клубови е утврдено дека лиценците им се истечени. Овие контроли се спроведени по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, а најголемиот дел беа млади на возраст од 14-25 години.

Во Скопје, по извршените контроли на 13 објекти, се откриено дека само 2 имаат важечки лиценци за кабаре, 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти воопшто немаат лиценца. Во Куманово сите три објекти поседуваат важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре, и сите имаат важечки лиценци.

Во Струмица, од 4 објекти, 2 имаат важечки лиценци за диско-клуб, еден има лиценца за диско-клуб на отворен простор, а еден има истечена лиценца. Во Гевгелија има еден објект со истечена лиценца, додека во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб и еден со важечка лиценца за кабаре.

Во Битола се забележани четири објекти, три со важечки лиценци за кабаре и еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Прилеп има два објекти, и двата со истечени лиценци. Во Кавадарци еден објект има важечка лиценца, додека во Неготино еден објект има истечена лиценца.

Во Охрид има четири објекти, два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, додека еден објект не поседува лиценца. Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре, а во Гостивар еден објект има истечена лиценца. Во Тетово, од шест објекти, за четири нема податоци, а два се со истечени лиценци.

Оваа контрола е дел од напорите за подобрување на безбедноста во ноќните клубови и за спречување на трагедии како таа во Кочани.

error: Содржината е заштитена од копирање !!