На шест пациенти е направено трансплантација на кожа, очекувања за испис на некои од нив следната недела
23/03/2025 17:36
На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментот се лекуваат десет пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а шест од нив веќе поминале низ трансплантација на кожа поради сериозноста на нивните изгореници. Според директорот на Клиниката, Небојша Настов, шестте пациенти имаат трет степен на изгореници и се под интензивна грижа. Кај останатите пациенти, процесот на редовни преврски продолжува, а во текот на наредната недела се очекува некои од нив да бидат испишани на домашно лекување, ако состојбата дозволи.
Настов напомена дека ситуацијата е флуидна и може да се менува од час во час, па затоа не се исклучени промени во здравствената состојба на пациентите. Во однос на пациентите кои се лекуваат во странство, тој информираше дека тие ќе бидат под продолжена грижа надвор од земјата, но ќе треба да се вратат во Македонија кога тоа ќе биде можно, кога ќе се стабилизира нивната здравствена состојба. За тој процес, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Владата.
Прашан за состојбата на пациентите кои се наоѓаат во критична состојба и се лекуваат во странство, Настов истакна дека ќе има информации по денешниот состанок на Кризниот штаб, кога болниците од странство секојдневно ќе достават ажурирани податоци за нивната здравствена состојба.
Ситуацијата продолжува да биде сериозна, но се преземаат сите неопходни мерки за да се овозможи најдобра грижа за пациентите.






