MKinformer

your daily dose of news

Граѓаниската иницијатива „Кој е следен?“ повикува на поголема безбедност и транспарентност пред Собранието

29/03/2025 16:31

Денеска пред Собранието на Македонија, граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ организираше собир во кој повторно беше побарана правда за трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, поголема безбедност, како и повик за поголема одговорност и транспарентност од страна на одговорните институции.

Десетиците учесници на собирот, кои се собраа пред парламентарната зграда, носеа транспарент со порака: „Собранието заседава, молиме за галама“. Тие ја изразија својата фрустрација од неактивноста на Собранието и побараа конкретни дејства од институциите кои имаат надлежности во справувањето со актуелните проблеми.

„Како граѓани сме фрустрирани од неактивноста на Собранието. Не само овие две недели, туку и претходно, Собранието беше пасивно. Кога пратениците одат на одмор, ние се собираме и дискутираме за проблемите“, изјави Борјан Ефтимов од иницијативата „Кој е следен?“.

На собирот беа упатени барања до неколку институции, вклучувајќи Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи (МВР), Инспекторатот за урбанизам, локалната самоуправа на Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за јавни приходи, како и консултативното тело за превенција во Кочани.

Ефтимов нагласи дека на собирот било побарано и објавување на документацијата за случаи како што се Беса Транс, Дурмо Турс, Онкологија и модуларната болница.

„Кога тие одат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Демократијата не оди на пауза. Не затоа што немаме што да правиме, туку затоа што имаме што да кажеме. Граѓаните ќе зборуваат, ќе критикуваат, ќе поддржуваат, ќе го кажат тоа што тлее предолго. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор“, изјавија од „Кој е следен?“.

Собирот претставуваше јасен сигнал до институциите дека граѓаните не се пасивни и дека ќе продолжат да се борат за поголема одговорност, праведност и транспарентност во управувањето со државните прашања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!