Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче: Кешишев сведочи
04/04/2025 8:58
Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи денеска со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. На рочиштето, обвинетиот Љупчо Палевски и неговиот бранител имаат право да му постават прашања.
Во изминатото рочиште, Кешишев изјави дека Панче и Вања првпат ги видел преку објавите на Фејсбук за нивното исчезнување. Тој сведочеше за улогата која ја имал во грабнувањето на жртвите, истакнувајќи дека главно бил ангажиран да чува стража.
На прашањата на јавниот обвинител кои се однесуваа на неговите комуникации со сообвинетите, мотивите и свесноста за сериозноста на ситуацијата, Кешишев призна дека бил под влијание на Љупчо Палевски, но тврди дека не бил целосно свесен за последиците од своите дејства.
Откако обвинителството заврши со своите прашања, судењето продолжи со читање на исказот на Кешишев од страна на судијата Ивица Стефановски. Ова беше направено за Љупчо Палевски, кој претходно беше отстранет од судењето поради сомневање за влијание на исказот на Кешишев.
По сведочењето на Кешишев, се очекува да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и Љупчо Палевски.
Според обвинението, Палевски, Видевски, Манев, Кешишев и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното семејство да плати откуп. Грабнувањето на Панче во Велес било со цел да го присилат да им го даде своето возило „Цитроен“, кое требало да се користи за грабнување на Вања во Скопје.
Малолетната Вања и Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а на 3 декември истата година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.






