MKinformer

your daily dose of news

ОЈО покрена истрага против 49 лица за лажни инвалидски пензии и туѓа нега – уапсени 23 осомничени

24/04/2025 15:24

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против 49 лица, меѓу кои лекари, членови на стручни комисии и други службени лица, за учество во организирана криминална шема со фалсификување документи за добивање на право на туѓа нега и инвалидска пензија. Во координирана полициска акција вчера беа уапсени 23 осомничени.

Акцијата се спроведе на неколку локации во Скопје, Велес, Тетово и Гостивар, како резултат на повеќемесечна предистрага која откри две организирани криминални групи. Овие групи, според Обвинителството, свесно и координирано овозможувале лица да добијат социјални права преку лажна медицинска документација и поткуп.

Првоосомничената, поранешна вработена на универзитетска клиника, заедно со соработници, формирала група која опфаќала лекари од Велес, Скопје, приватни ординации, адвокат и службено лице од Центарот за социјална работа. Тие издавале лажни медицински документи – отпусни писма, извештаи, психолошки тестови – без реален преглед на апликантите, со цел добивање на право на туѓа нега.

Втората група, предводена од вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје и член на Комисијата за ревизија на инвалидност, се фокусирала на обезбедување инвалидски пензии преку идентични незаконски методи.

Според Обвинителството, се работи за кривични дела како „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање и давање поткуп“, како и „Примање и давање награда за противзаконито влијание“. Од 49 осомничени, за 12 лица е предложен притвор, за 3 куќен притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.

Истрагата продолжува, а едно лице сè уште не е достапно за органите на прогонот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!