Дали Ватикан е подготвен за првиот црн папа?
26/04/2025 8:09
По смртта на папа Франциско на 88-годишна возраст, вниманието на светската јавност е насочено кон претстојната конклава, која треба да избере нов поглавар на Римокатоличката црква.
Меѓу најчесто споменуваните имиња за потенцијални наследници, сè погласно се истакнуваат африканските кардинали, особено Питер Турксон од Гана. Тој веќе беше фаворит и во 2013 година, кога на крајот беше избран Франциско.
Според најновите анкети, Турксон е меѓу водечките кандидати. Последниот папа од африканско потекло беше Папа Виктор I, кој ја водел црквата кон крајот на 2. век и доаѓал од Северна Африка. Денес, кога католицизмот брзо расте во Африка, а Европа станува сè посекуларна, прашањето се поставува самото: дали црквата е подготвена за својот прв црн папа?
Кардинал Питер Турксон потекнува од сиромашно семејство со десет деца. Во 2003 година стана првиот гански кардинал, а играше клучна улога во спречувањето на насилство за време на политичката криза во Гана во 2008. Во Ватикан извршуваше значајни функции, а познат е и по своите умерени и отворени ставови – неодамна го бранеше ЛГБТ+ населението во Гана, и покрај силната конзервативна клима во регионот.
Од друга страна, постојат и африкански кардинали со построги ставови, како Роберт Сара од Гвинеја и Фридолин Амбонго од Конго, кои се гласни против истополовите заедници и абортусот.
Папа Франциско за време на својот понтификат настојуваше да ја зајакне глобалната застапеност на црквата. Денес, африканските кардинали сочинуваат 12% од изборното тело, во споредба со 8% во 2013 година – чекор кој ја отвори можноста за избор на папа од Африка.
Сепак, и покрај напредокот, тивката дискриминација останува. „Сè уште постои бариера,“ вели еден свештеник од Конго, алудирајќи на недовербата кон африканскиот клер.
Африка, каде живеат околу 20% од сите католици, може да донесе нова енергија и насока во Ватикан. Кардинал Амбонго веќе размислува како Црквата треба да се постави во однос на локални реалности, како што се целибатот, полигамијата или недостигот од свештеници.
За многумина, како што вели свештеникот Пол Маји од Нигерија, потеклото на папата не е пресудно – „поважна е Божјата волја“. Тоа го потврдува и професорот Силваин Бадибанга од Конго: „Не треба да мислиме дека сега е наш ред. Бог одлучува.“
На прашањето дали би станал папа, Турксон одговорил скромно: „Ако е Божја волја.“
Друг сериозен кандидат е кардинал Роберт Сара. 79-годишниот конзервативен клерик од Гвинеја, поранешен прв човек на ватиканската литургиска канцеларија, долго време се смета за водечка фигура во традиционалистичките кругови. Сара е блиску до визијата на поранешните папи Јован Павле II и Бенедикт XVI, а често влегуваше во судир со поновите ставови на Франциско.
Најголемата контроверзија го следеше откако заедно со Бенедикт ја објавија книгата за целибатот, која делуваше како директна опозиција на Франциско, кој размислуваше за флексибилност во региони како Амазонија. Иако Сара го негираше влијанието врз Бенедикт, инцидентот сериозно му наштети на неговиот углед и шанси.
И покрај тоа, изборот на африкански папа – било Турксон, Сара или друг – повеќе не изгледа невозможно. Прашањето е: дали црквата е подготвена да направи историски чекор?





