Синдикатите со различно одбележување на 1 Мај
30/04/2025 15:13
По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, синдикатите во Македонија настапуваат со спротивставени ставови и активности. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, изјави дека празникот ќе го помине дома со семејството. КСС денеска организираше тематска конференција и понуди сендвичи за присутните, симболично одбележувајќи го празникот.
Од друга страна, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), предводен од Слободан Трендафилов, повика на работнички протест кој ќе се одржи на 1 Мај во 11 часот. Целта на протестот е да се побара минимална плата од 500 евра, зголемување на сите плати за 100 евра и почитување на колективните договори.
Разликите меѓу синдикатите кулминираа со меѓусебни обвинувања. Ралповски тврди дека Владата била подготвена да започне со ново зголемување на платите од 1 Мај, но дека протестот на ССМ го попречува тој процес. Трендафилов, пак, изјави дека токму благодарение на протестите од јануари, Владата вети покачување на платите и додатоци од 30% за дел од вработените во јавниот сектор.
Несогласувањата се прелеваат и во различни перцепции за социјалниот дијалог. КСС смета дека дијалогот со Владата е добар, иако не постои репрезентативен синдикат, додека ССМ е на став дека социјален дијалог не постои.




