ССМ најави протест: Работниците на 1 Мај пред Собрание
29/04/2026 14:40
Сојузот на синдикатите на Македонија и годинава ќе организира протест на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Протестот ќе почне во 11 часот пред зградата на ССМ, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Ова денеска го најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Тој ги повика работниците масовно да излезат на протестот и да ги поддржат барањата за повисока минимална плата и подобри услови за работа.
Според Трендафилов, повеќе од 260.000 работници во државата живеат со примања под 600 евра. Како што посочи, тоа се околу 50 проценти од работната сила во Македонија.
Тој порача дека токму овие работници треба да застанат рамо до рамо со синдикатите. Наместо незадоволството да го искажуваат само во разговори и пораки, ССМ ги повика јавно да го покажат револтот поради ниските примања.
Трендафилов истакна и дека со мартовското усогласување, минималната плата е зголемена за 1.667 денари. Во исто време, синдикалната минимална кошница од почетокот на годината е зголемена за 3.304 денари.
Тоа, според него, покажува дека ако двајца членови во едно семејство земаат минимална плата, тие и понатаму немаат доволно средства ниту за основните прехранбени трошоци. Овој податок, рече Трендафилов, е поразителен за креаторите на политики, за работодавачите и за целото општество.
Тој предупреди и на можни последици врз колективните договори. Според него, евентуалното укинување на колективниот договор за култура, кој е оспорен пред Уставниот суд, може да отвори простор за укинување и на други колективни договори во кои е утврден начинот на пресметка на платата.
Претседателот на ССМ се осврна и на безбедноста на работниците. Според него, последниот случај во кој животот го загуби еден работник, а неколку други беа повредени, треба да биде аларм за институциите и инспекциските служби.
Трендафилов порача дека 1 Мај е ден кога работниците низ целиот свет излегуваат на протест. Тој нагласи дека и македонските работници треба јасно и гласно да го искажат незадоволството и заедно со синдикатите да се спротивстават на неправдите.




