БИТКОИНОТ ЛЕТНА ДО ПЛАФОН, надмина 111 000 долари
22/05/2025 10:50
Биткоинот во четврток продолжи со растот и достигна ново рекордно ниво од над 111.000 долари. Според податоци од Coin Metrics, неговата вредност достигна 111.886,41 долари во раните утрински часови во Лондон, пред малку да се повлече и да се тргува за околу 111.012,00 долари во 07:03 часот.
Овој раст, според Џејмс Батерфил од компанијата CoinShares, е поттикнат од позитивен тренд, зголемен оптимизам околу регулативите за криптовалути во САД и интерес од големи институционални инвеститори.
Значајно е што зголемувањето на вредноста на биткоинот се случува во услови кога американските берзи паѓаат, иако криптовалутата често се движи во сличен правец со акциите, особено со технолошкиот индекс Nasdaq. Оваа разлика во движењето може да укажува дека инвеститорите гледаат во биткоинот како алтернатива за зачувување на вредност.
Дополнително, според Батерфил, зголемениот интерес за биткоинот е поттикнат и од глобалните економски неизвесности, како што е неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг на САД од страна на агенцијата Мудис, што ја зајакнува перцепцијата на биткоинот како заштита од нестабилноста на традиционалните валути.
Исто така, во САД се случија позитивни регулаторни промени за крипто секторот. Законот GENIUS, кој се однесува на стабилните монети, беше изгласан во Сенатот. Претседателот Доналд Трамп и неговиот советник за вештачка интелигенција и криптовалути, Дејвид Сакс, ја поддржуваат крипто индустријата, што дополнително го охрабрува пазарот.
Покрај тоа, директорот на JPMorgan, Џејми Дајмон – инаку познат критичар на биткоинот – изјави дека банката ќе им овозможи на клиентите да купуваат криптовалути, што е уште еден сигнал за проширување на институционалната поддршка.





![Биткоинот потона под 86.000 долари – крипто-пазарот повторно во паника bitkoin-pad[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/bitkoin-pad1.jpg)
