(ВИДЕО) Францускиот претседател Макрон “шамаран” од сопругата
26/05/2025 11:32
Автентично видео, потврдено од Елисејската палата и наречено „шега“ или „игра“ (како во возот што беше марамче), го прикажува францускиот претседател Емануел Макрон како добива лесна шлаканица од сопругата Брижит (нешто како воспитна од мајка кон непослушно синче), при нивното пристигнување во Ханој. Сцената се случува токму кога се отвораат вратите на претседателскиот авион. Видеото брзо стана вирално на социјалните мрежи, особено кај профили што се проруско ориентирани или критички настроени кон Макрон, пренесе порталот Кликс.
Снимката предизвика бројни реакции и шпекулации – дали се работи за шега, интимен момент или нешто посериозно. Сè започнува со отворањето на вратите на авионот, кога се појавува силуетата на Макрон, а веднаш потоа се гледаат рацете на неговата сопруга, кои му го допираат лицето во гест што може да изгледа како нежен удар. Макрон делува изненадено, но брзо продолжува и ги поздравува присутните. Додека се симнуваат по скалите, ѝ подава рака на Брижит, но таа се држи за оградата и не ја прифаќа.
Видеото брзо се прошири, што го поттикна интересот на новинарите што ја следат претседателската турнеја. Првичниот став на Елисејската палата беше дека снимката е лажна и создадена со вештачка интелигенција, но подоцна признаа дека е автентична.
Еден од блиските соработници на претседателот изјави дека станува збор за „обична брачна шега“, објаснувајќи дека парот сакал да се опушти пред почетокот на турнејата. Тој додаде дека снимката е извлечена од контекст и искористена од оние што шират теории на заговор, особено од проруски извори.






