ИЗЕТ МЕЏИТИ НАЈАВИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДАНЕЛА АРСОВСКА
30/05/2025 8:12
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, повторно и упати критики на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повикувајќи ја да се фокусира на своите надлежности. Тој најави дека ќе поднесе пријава против неа за, како што рече, изнесување лажни информации поврзани со објект во општина Чаир пред кој се фотографирала.
Меџити го поврза овој случај со, како што ја нарече, последната стратегија на Али Ахмети за предизвикување нестабилност преку општините.
„Добро е што по четири години конечно ја видовме Данела. Наместо да даде отчет за ветувањата и реализацијата во Скопје и Чаир, таа глуми инспектор и контролор. Заборава дека градските јавни претпријатија се пред финансиски колапс, а Скопје е во најлоша состојба досега, благодарение на управувањето заедно со ДУИ и Левица“, рече Меџити.
Тој истакна дека обидите за дестабилизација на државата од страна на ДУИ се дел од поширок план, и дека сега инструмент за тоа, според него, е токму Данела Арсовска, со поддршка од политички фигури како Блерим Беџети и Левица.
„Ако веќе се зборува за дивоградби, тогаш треба да се погледнат и другите општини. Нека ја видиме Арсовска и во Сарај, Шутка – местата каде што се нејзините партнери. Да каже и за синот на шефот на пратеничката група Беџети, кој на 17 години има договор за интелектуални услуги во ‘Комунална хигиена’, каде директор е човек на неговиот татко“, додаде тој.






