ИЗЕТ МЕЏИТИ: ВРЕДИ со кандидат за Скопје и Чаир, поддршка за независниот Менди Ќира во Струга и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ
24/07/2025 15:01
Коалицијата ВРЕДИ ќе има свои кандидати за градоначалници на Град Скопје и Општина Чаир, а во Струга ќе даде поддршка за независниот кандидат Менди Ќира. Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој информира дека анализите и разговорите за останатите општини се во завршна фаза и дека наредната недела ќе бидат објавени имињата на сите кандидати.
На новинарско прашање дали токму тој ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Меџити кусо одговори дека сите кандидатури ќе бидат официјализирани заедно во наредниот период.
Коалиции и поддршка
Во врска со можноста за коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини, Меџити изјави дека тоа не би било ништо ново:
„Од деведесеттите години наваму, во рамки на политичкиот плурализам, владините партнери секогаш си помагале меѓусебно, и тоа ќе продолжи и понатаму. Истото важи и за опозициските блокови – ДУИ, Левица, СДСМ – очекувам дека и тие ќе се поддржуваат меѓусебно,“ изјави тој.
Меџити ова го изјави по потпишувањето на договори за проекти со општините финансирани преку програмите на Министерството за животна средина – проекти за канализациона и водоводна мрежа, како и програми за управување со води.





