MKinformer

your daily dose of news

НОВ РУСКИ ВОЗДУШЕН НАПАД НА КИЕВ, СЕДУМ ЗАГИНАТИ

23/06/2025 12:24

Најмалку седум лица загинаа, а неколку други се повредени во руски ракетен и дрон напад извршен во текот на ноќта во областа на Киев, соопшти министерот за внатрешни работи на Украина.

Во објава на социјалните мрежи, Игор Клименко изјави дека биле погодени станбени згради, болници и спортска инфраструктура.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека најмалку шест од загинатите се наоѓале во висококатница во главниот град и додаде дека уште 19 лица се повредени во градот.

Во изминатите недели, Русија спроведува масовни воздушни напади врз украинските градови. Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата Х (поранешен Твитер) дека ќе отпатува за Лондон во понеделник за да разговара за конфликтот.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека во најновиот бран на напади биле лансирани 352 руски дронови и 16 ракети, главно насочени кон територијата околу Киев.

Од главниот град пристигнуваат информации за повеќе пожари.

Службата за итни случаи на Украина објави снимки на кои се гледаат шокирани жители како се евакуираат од уништена висококатница која сè уште гори.

Локалните власти информираат дека е оштетен и влезот во една од подземните метро станици. Многу жители ја поминале ноќта засолнети токму во таквите станици.

Нападот се случува додека Киев сè уште се опоравува од претходните руски напади во вторникот, во кои загинаа најмалку 28 лица, а над 100 беа повредени.

Ова е еден од најголемите напади врз главниот град од почетокот на руската целосна инвазија во февруари 2022 година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!