Галичка свадба 2025“ – Во Галичник традиционално зурли и тапани за Петровден
04/07/2025 19:46
Од 11 до 13 јули, повторно ќе се одржи „Галичка свадба“, годинешните младоженци се Јован Филипоски, потомок на галичкото семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, кои велат дека учеството во свадбата е исполнување на животен сон.
Тродневната програма ќе започне во петок, 11 јули, со монодрама на мијачки дијалект посветена на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, а ќе продолжи со современа музичка програма за помладите посетители.
Свадбарските обичаи ќе започнат во сабота со традиционалниот пречек на тапаните, китење на бајракот, изведба на свекрвиното оро и настап на ансамблот „Танец“ со ората „Невестинското“ и „Тешкото“. Во недела ќе се одржат обичаите „бричење на зетот“, „тргнување по невеста“ и венчавање во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“.
Манифестацијата и годинава ја поддржуваат Пивара Скопје и СКОПСКО, како и Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Министерството за култура и туризам.
Ќе биде воведен и посебен сообраќаен режим во Галичник за време на настанот, а ќе има и апел за одговорно однесување кон животната средина и умерено консумирање алкохол.
Дел од содржините ќе бидат емитувани во живо на социјалните мрежи, за сите кои нема да можат да присуствуваат.






