MKinformer

your daily dose of news

ДЕНЕС ПОЧНУВА СО ИЗГРАДБА ВЕТЕРНИОТ ПАРК ВО ШТИП, ИНВЕСТИЦИЈА ВРЕДНА 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

16/07/2025 8:34

Денес, во близина на Штип, ќе биде поставен темелот на новиот Ветерен парк – капитален проект вреден над 500 милиони долари, инвестиран од страна на компанијата „Алказар енерџи“. Проектот се очекува да отвори 630 нови работни места.

На свеченоста по повод почетокот на градежните работи ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, како и коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“, Даниел Калдерон, кои ќе се обратат пред присутните.

Овој ветерен парк, кој се наоѓа на потегот меѓу Штип, Карбинци и Радовиш, ќе се простира на површина од околу 326 хектари и ќе биде најголема инвестиција во секторот на обновливи извори на енергија во регионот.

Планирано е да бидат поставени 55 ветерни турбини, со капацитет за производство на електрична енергија доволна за околу 100.000 домаќинства.

Од „Алказар енерџи“ истакнуваат дека реализацијата на овој проект ќе придонесе за економски развој, поддршка на бизнис заедницата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Според компанијата, проектот претставува долгорочна инвестиција со значајна вредност за државата и отвора можности за идни иницијативи во енергетскиот сектор.

Овој ветерен парк е значаен чекор кон јакнење на енергетската стабилност и исполнување на стратешките цели за развој на обновливи извори на енергија во земјата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!