Германската БМЗ ја затвора фабриката во Македонија: Производството се сели во Полска, 89 лица остануваат без работа
29/07/2026 8:31
Германската компанија БМЗ, производител на литиум-јонски батерии, донесе одлука до крајот на 2026 година целосно да го затвори својот производствен погон во Илинден и производството да го пресели во Полска.
Со одлуката директно се засегнати 89 вработени во македонскиот погон. Истовремено пропаѓаат и претходните најави дека инвестицијата во следните години ќе отвори до 1.000 работни места, пишува „Независен“.
Производството ќе се преселува во фази
Од БМЗ соопштија дека европското производство ќе биде консолидирано, а целиот производствен бизнис од Македонија ќе биде префрлен во погонот на компанијата во Полска.
Преносот ќе се одвива во фази од август до декември 2026 година. Полскиот погон веќе работи според истите спецификации и стандарди за квалитет.
Од компанијата уверуваат дека снабдувањето на клиентите нема да биде прекинато и дека секој засегнат клиент бил информиран за промената.
Погонот ќе работи до крајот на годината
Раководството на БМЗ ги информирало вработените пред официјално да ја објави одлуката.
Индивидуалните разговори со работниците започнале во средината на јули. Компанијата најави дека процесот ќе го спроведе одговорно, транспарентно и со почит кон секој засегнат вработен.
Погонот во Илинден ќе продолжи да работи до крајот на 2026 година за да се обезбеди уредно префрлање на производството.
Од најавени 1.000 работни места останаа само 89 вработени
Почетокот на изградбата на фабриката на БМЗ беше одбележан во септември 2024 година во индустриската зона во Скопје.
На свеченоста присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Тогаш беше најавена инвестиција од 65 милиони евра. Фабриката требаше да биде завршена до мај 2025 година и во првите три години да оствари извоз од најмалку 60 милиони евра.
Од раководството на компанијата најавуваа и постепено зголемување на бројот на вработени до 1.000.
Помалку од две години подоцна, фабриката се затвора, а 89 лица што моментално работат во погонот ќе останат без работа.
ТИРЗ бара нов инвеститор за погонот
Од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони велат дека очекуваат разговори со друг инвеститор од Европската Унија, кој би можел да го преземе погонот на БМЗ.
Засега нема потврда која компанија е заинтересирана, ниту дали евентуалното преземање би ги зачувало постојните работни места.
Трета странска компанија што заминува за кус период
Затворањето на БМЗ следува по заминувањето на ирско-американската компанија „Аптив“ од ТИРЗ „Бунарџик“ и американската компанија „Дура“.
Истовремено, британската компанија „Џонсон Мети“, која е меѓу најголемите извозници од Македонија, најави намалување на бројот на вработени.
Низата одлуки повторно го отвора прашањето за условите за работење на странските инвеститори и способноста на државата да ги задржи веќе привлечените компании.
Инвеститорите се жалеле на доцнење на државната помош
Компаниите со странски капитал повеќепати предупредуваа дека државната помош што законски им следува не се исплаќа навреме.
Во март, странските инвеститори го отвориле ова прашање на средба со премиерот и економскиот тим на Владата во Стопанската комора.
Како проблеми биле посочени и работните дозволи, транспортот и исполнувањето на обврските на институциите кон компаниите што веќе инвестирале во земјата.
Според тогашната анкета, 55 проценти од компаниите со странски капитал изјавиле дека би инвестирале повторно во Македонија. Сепак, затворањето на БМЗ покажува дека најавените инвестиции и работни места не секогаш се реализираат според првичните планови.






