MKinformer

your daily dose of news

Денес се чествуваат Светите 45 маченици: Леонтиј, Маврикиј, Александар, Сисиниј и другите

23/07/2025 8:05

Во времето на свирепото владеење на цар Ликиниј, кој го управуваше источниот дел на Византија, започна жестоко прогонство против христијаните. Во градот Никопол во Ерменија, пред царскиот намесник Лисиј се појавија Свети Леонтиј и неколку негови пријатели, отворено исповедајќи ја својата вера: „Ние сме христијани.“

Лисиј иронично ги праша: „Каде е вашиот Христос? Зарем не беше распнат и не умре?“
Свети Леонтиј му возврати: „Ако знаеш дека нашиот Христос умре, тогаш знај и дека воскресна од мртвите и се вознесе на небото.“

По долга расправа околу верата, Лисиј нареди сите да бидат претепани и затворени, не давајќи им ни храна ни вода. Но една благородна христијанка, по име Василијана, успеваше да им донесе храна преку мал затворски прозорец. Во тие мачни мигови, ангел Господов им се јави во затворот, охрабрувајќи ги и утешувајќи ги.

На денот на судењето, покрај првобитните маченици, двајца стражари – обраќени од нивниот пример – исто така јавно ја исповедаа Христовата вера, а по нив и многу други. Вкупниот број на христијаните што беа осудени достигна четириесет и пет.

Судот пресуди страшна казна: најнапред да им се отсечат рацете и нозете со секира, а потоа телата да им бидат фрлени во оган. Казната беше немилосрдно извршена, но нивните души со слава се вознесоа кај својот Господ, освојувајќи го вечниот живот. Пострадаа чесно во 319 година, добивајќи маченички венец и наследувајќи го Царството Небесно.

error: Содржината е заштитена од копирање !!