ТРАМП ПРИСТИГНА ВО ШКОТСКА: Ќе се сретне со Урсула фон дер Лејн и Кир Стармер
26/07/2025 10:11
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Шкотска, каде што ќе престојува пет дена на својот приватен голф-имот во Торнбери. Иако посетата е од приватен карактер, Трамп најави дека ќе вклучи и важни дипломатски активности.
По пристигнувањето на аеродромот Прествик, Трамп изјави:
„Ќе се сретнам со многу луѓе, вклучително и со лидер од Европската Унија.“
Тој најави дека, доколку се постигне договор со ЕУ, тоа ќе биде „најголемата зделка“ откако повторно ја презеде претседателската функција на 20 јануари оваа година.
Средби и најави за трговски договори
Во текот на престојот, Трамп ќе ги посети двата свои голф-терени, но и ќе се сретне со:
-
Кир Стармер, британски премиер
-
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија
-
Џон Свини, шкотски прв министер
Трамп ја нарече фон дер Лајен „жена достојна за голема почит“, а средбата со Стармер ја опиша како делумно свечена, во знак на почит кон веќе договорениот трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство.
„Ова е одличен договор за двете страни,“ рече Трамп.
Во однос на трговските преговори со ЕУ, Трамп оцени дека шансите за договор се „50 на 50“, наведувајќи дека и натаму постојат „околу дваесет спорни прашања“.
Средба со шкотскиот премиер
Трамп потврди и средба со шкотскиот премиер Џон Свини, за кого рече дека е „добар човек“ и дека „со нетрпение очекува да разговара со него“, нагласувајќи ја својата емоционална поврзаност со Шкотска.
Свини, пак, во изјава за агенцијата ДПА, рече дека средбата ќе биде можност за суштинска дискусија за трговските односи, но и за меѓународни теми од интерес за шкотската јавност, како што е ситуацијата во Појасот Газа, која ја оцени како „неподносливо човечко страдање“.




