MKinformer

your daily dose of news

„На местото на настанот“: Првата книга на новинарот Александар Видиновски ќе биде промовирана на 5 ноември

02/11/2026 16:49

„На местото на настанот“, првата книга на новинарот Александар Видиновски, ќе биде промовирана на 5 ноември, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а на промоцијата за неа ќе зборува Борислав Тноковски. Специјални гости ќе бидат музичарите Дуке Бојаџиев и Зарина Првасевда.

Зад камерата и директните вклучувања

Во книгата Видиновски ги носи читателите зад телевизиските прилози и директните вклучувања, на местата каде камерата бележи само дел од приказната, а новинарот се соочува со вистинските размери на настаните.

Авторот раскажува за искуствата од престрелките во Диво Насеље, драматичната ноќ на воениот удар во Турција, воени зони, несреќи, кризи и други настани што ги следел од непосредна близина.

Во фокусот не се само големите вести, туку и луѓето што ги сретнал на терен и ситуациите кои останале надвор од телевизискиот кадар.

Лична приказна за новинарството на терен

„На местото на настанот“ е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и професионалната одговорност што ги носи новинарската работа.

Преку сопствените искуства, Видиновски пишува и за созревањето на еден репортер кој со години се обидувал да биде што поблиску до настаните и до вистината.

Книгата открива што се случува зад објективот во моментите кога новинарот мора брзо да реагира, да донесува одлуки и истовремено да остане доследен на професионалните стандарди.

Речиси две децении во новинарството

Александар Видиновски е новинар, уредник и телевизиски водител со речиси две децении искуство на македонската медиумска сцена.

Во текот на кариерата работел на новинарски деск и на терен, бил дописник на Македонската информативна агенција од Словенија, а подоцна и уредник и водител на политички дебати.

Моментално работи како уредник и водител во телевизијата Канал 5, а паралелно развива и сопствена дигитална новинарска платформа на YouTube.

Неодамна го доби и признанието „Македонствуваме“ на „ЕХО – Фестивалот на планински филм“, за придонес во подигнувањето на јавната свест за значењето на грижата за природата.

Книгата наскоро и во продажба

„На местото на настанот“ претставува сведоштво од прва рака за ситуации во кои новинарот не ја следи историјата од дистанца, туку се наоѓа во нејзиниот центар.

Книгата наскоро ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“, како и онлајн преку нивната интернет-продавница.

error: Содржината е заштитена од копирање !!