Македонија оди на избори со крпен закон
11/08/2025 21:22
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, посочи дека Македонија речиси две децении живее со закрпен Изборен законик, кој повеќе од 30 пати бил менуван, но никогаш целосно обновен. Тој ги обвини пратениците и политичките партии дека повторно ја пропуштиле шансата да донесат нов и функционален закон, со што се загрозува довербата во изборниот процес.
Кондарко откри дека измените кои Собранието ги одби, иако биле поддржани од сите пратенички групи, ќе ја олеснеле работата на ДИК и ќе решеле низа технички проблеми. Наместо тоа, изборните правила остануваат хаотични, а независните кандидати, благодарение на укинувањето на одредбите за потписи од Уставниот суд, сега можат да влезат во трка без никаква потврда од граѓаните.
„ДИК нема да толкува закони – ние ќе ги спроведеме какви што се. Но, тоа што Собранието не успеа да ја заврши работата е нивна целосна одговорност“, порача Кондарко, предупредувајќи дека повторно влегуваме во избори со недоречени правила и крпени решенија.
Иако уверува дека изборната технологија и уредите за отпечаток на прст се подготвени, останува неизвесно дали хаосот во законите ќе влијае на легитимноста на резултатите.






