Ќе се чешлаат осум досијеа – се отварале ли здрави срца за пари?
05/09/2025 9:04
Oсум медицински досиеја ќе се чешлаат од страна на новоформираната Интерна комисија која треба да ги истражи можните неправилности при кардиохируршки интервенции што ја вознемирија јавноста по изјавата на професорот Сашко Кедев.
На прес-конференција, министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека досиејата не се од претставки на пациенти, туку од јавна здравствена установа, која не сакаше да ја открие и покрај инсистирањето на новинарите. Министерот додаде дека паралелно е побаран и вонреден стручен надзор за истите случаи од Лекарската комора.
– Пред неколку недели, јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствени установи. Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. До Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа на медицински факти – посочи министерот и најави дека сите детали по проверката на досиејата и евентуални сомневања за неправилности ќе ги соопштеле на прес-конференција.
– И нема да застанеме само на злоупотреби со кардиохирушките интервенции, мониторингот ќе го прошириме и кон сите сегменти. Доколку се докажат неправилности никој нема да биде заштитен, ниту од јавното ниту од приватното здравство, категоричен е Алиу и најави дека кон комисискиот состав се очекува да се приклучат и тројца странски експерти, најверојатно од Словенија, Италија и Австрија.
Приватните здравствени институции од 15 септември се обврзани задолжително да ги отворат базите на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин, за да може ние да ги агрегираме сите постојни информации што се таму во нивните институции. Од болниците кои вршат кардиохирушки операции се ЈЗУ Специјална болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ПЗУ „Аџибадем Систина“ и ПЗУ „Жан Митрев“ – Скопје. Фондот за здравство неодамна ја сподели информацијата дека за овие интервенции во приватните болници годинава се предвидени околу 19 милиони евра. Истрагата на две комисии во МЗ следува по тврдењето на кардиологот Кедев, дека во некои од приватните болници се вршат непотребни операции заради профит.
– Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно, релевантните институции треба да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие ги плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит, рече Кедев.
Извор: vecer.press





