MKinformer

your daily dose of news

Странска комисија утврди: девет кардиолошки и кардиохируршки интервенции биле непотребни

14/05/2026 14:13

Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека странската комисија, која ги проверувала сомнителните случаи на кардиолошки и кардиохируршки интервенции, утврдила дека кај девет пациенти биле извршени непотребни зафати.

Според анализата, биле разгледани вкупно 13 предмети. Кај четири пациенти, комисијата оценила дека третманот бил навремен, медицински оправдан и спроведен според стандардите на клиничката пракса.

Кај останатите девет случаи, пак, странските експерти утврдиле сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација. Министерот посочи дека во дел од предметите имало несогласувања меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмените извештаи, по што следувале несоодветни индикации за ендоваскуларни или хируршки процедури.

Алиу нагласи дека, според оценката на комисијата, во овие случаи одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаеле врз исходот.

Станува збор за пациенти на возраст од 45 до 78 години, кои, доколку сакаат, ќе можат лично да бидат информирани за наодите.

Случаите се однесуваат на интервенции и постапки извршени и во јавни и во приватни здравствени установи. Меѓу нив се ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија, ЈЗУ УК за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардиоарт“ – Штип, ПЗУ „Жан Митрев“ и КБ „Аџибадем Систина“.

Министерот најави дека извештајот ќе биде доставен до Владата, Јавното обвинителство, Лекарската комора и ДКСК. Сепак, Министерството за здравство засега нема да поднесува кривична пријава.

Како што појасни Алиу, понатамошната оценка дали има незаконско постапување ќе биде оставена на Јавното обвинителство, кое ќе треба да утврди дали има основ за ново вештачење и дали постоела намера за штета на државната каса.

error: Содржината е заштитена од копирање !!