Протестот против загадувањето во Аеродром станува симболичен
17/09/2025 21:15
Иако жителите на Аеродром и Ново Лисиче веќе две недели најавуваат решителна борба против загадениот воздух и депонијата Вардариште, денешниот протест повторно покажа слаб одѕив. На блокадата на раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и Србија се собраа едвај околу стотина луѓе.
Граѓаните со месеци се жалат дека секојдневното палење на отпадот создава тешка и неподнослива средина за живеење, но бројот на присутни на протестите отвора прашања: дали навистина постои доволна решителност за заеднички притисок врз институциите?
Организаторите потенцираат дека нема да се откажат и најавуваат продолжување на протестите додека не се најде трајно решение за проблемот. Но јавноста не може да не забележи дека наместо масовна мобилизација, се случува постепено намалување на бројот на учесници.
Со ваков тренд, се поставува дилема дали протестот ќе може да ја задржи својата сила и дали надлежните ќе го сфатат сериозно, или пак ќе остане само симболичен чин на мала група незадоволни граѓани.






