MKinformer

your daily dose of news

Членка на Судскиот совет под кривична пријава за измама во службата

02/10/2025 16:10

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, членка на Судскиот совет на Република Македонија, за кривично дело „измама во службата“ според член 355 став 1 и 2 од Кривичниот законик.

Според МВР, Л.Г. во периодот од 26 август 2022 до 15 јануари 2024 година, со цел да прибави противправна имотна корист, не го известила Судскиот совет за промената во имотната состојба на нејзиното потесно семејство – нејзината ќерка стекнала недвижен имот во Скопје. Како последица на тоа, Л.Г. продолжила да прима надоместок за патни трошоци од Струмица до Скопје, иако веќе имала место за живеење во главниот град.

Во периодот септември 2022 – декември 2023 година, Л.Г. добила вкупно 291.040 денари надоместок за патни трошоци, што претставува противправна имотна корист на штета на буџетот на Судскиот совет.

МВР додава дека Л.Г. во 2018 година била избрана за член на Судскиот совет од редот на судии од апелационо подрачје Штип, а како судија од Основен суд Струмица, доставила барање за надоместок на трошоци за превоз, приложувајќи лична карта, одлука за избор и изјава заверена на нотар дека нема недвижен имот во местото на работа.

Случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје.

error: Содржината е заштитена од копирање !!