„Кина создаде чудо во историјата на човештвото“ – Интервју со Су Леи, вршител на должноста амбасадор на НР Кина во Македонија
03/10/2025 11:43
По повод 76-годишнината од основањето на Народна Република Кина, разговаравме со Су Леи, вршител на должноста амбасадор на НР Кина во Република Македонија. Во интервјуто за МКИнформер, тој говори за економските и општествените достигнувања на Кина, историската борба против сиромаштијата, улогата и реформите на Комунистичката партија, како и пораките што Пекинг ги испраќа до светот во време на глобални предизвици.
Народна Република Кина неодамна го одбележа 76-годишното основање. Најнапред дозволете ни да упатиме честитки до кинескиот народ. Кои се најзначајните достигнувања на Кина во економскиот и општествениот развој од основањето на државата?
Оваа година се навршуваат 76 години од основањето на Народна Република Кина. Во изминатите децении, Комунистичката партија на Кина го обедини и предводеше народот во континуирана борба, создавајќи големи достигнувања во изградбата, реформите и отворањето кон светот, социјалистичката модернизација и социјализмот со кинески карактеристики во новата ера. Кина постигна брз економски развој и долгорочна општествена стабилност. БДП на земјата порасна од 67,91 милијарди јуани во 1952 година на 134,9 трилиони јуани во 2024 година, а се очекува годинава да достигне околу 140 трилиони. Просечниот животен век достигна 79 години, а системите за образование, здравство и социјална заштита се најголеми во светот. Во првата половина од оваа година, БДП на Кина порасна за 5,3% во споредба со истиот период лани, што ја потврдува стабилноста и позитивниот тренд на кинеската економија. Исто така, високотехнолошките индустрии континуирано се развиваат, а меѓународни финансиски институции како Barings оценија дека Кина се наоѓа во „економска трансформација со невиден обем“ – од „Made in China“ кон „Created in China“. Тоа ќе донесе нови можности и за странските инвеститори.
Спомнавте дека целта е изградба на општество со умерен просперитет во сите аспекти, како и стремеж кон заедничка благосостојба, каде што „никој не е изоставен“. Можете ли подетално да ни го објасните напредокот на Кина во намалувањето на сиромаштијата?
Кина отсекогаш ја третирала борбата против сиромаштијата како врвен приоритет. Од почетокот на реформите, приходите на населението во сиромаштија значително пораснаа, а јазот меѓу градот и селото се намали. Вкупно 800 милиони луѓе беа извлечени од сиромаштија – што претставува над 70% од глобалната бројка во истиот период. Со тоа Кина предвреме ја исполни целта за намалување на сиромаштијата од Агендата 2030 на ОН, создавајќи „чудо во историјата на човештвото“. По завршувањето на оваа борба во 2021 година, воспоставен е петгодишен транзициски период за следење и помош, со цел да се спречи повторно враќање во сиромаштија. Освен тоа, Кина активно ја споделува својата експертиза и искуства со други земји во развој и придонесува кон глобалните напори за искоренување на сиромаштијата.
Познато е дека бројот на членови на Комунистичката партија на Кина надмина 100 милиони. Какви се искуствата на КПК во управувањето со партија од таков размер?
На крајот на 2024 година, КПК броеше 100,27 милиони членови и над 5,25 милиони партиски организации на основно ниво, што ја прави најголемата марксистичка владејачка партија во светот. Генералниот секретар Си Џинпинг нагласи дека како најголема партија, КПК мора да остане трезвена и решителна во справувањето со предизвиците на својата големина, за постојано да ја ужива поддршката на народот и да го зацврсти својот долгорочен владејачки статус. Од 18-от Конгрес наваму, КПК воспостави строга дисциплина и високи стандарди – со „осумточковната одлука“ за подобрување на партиското и државното однесување, со подобрен надзор врз власта и со континуирана самореволуција на партијата.
Што точно опфаќа Одлуката од 8 точки за подобрување на Партијата и Владата?
Оваа одлука, усвоена во 2012 година, ги опфаќа следните области: подобрување на истражувањата и анализите, рационализација на состаноците и активностите, ограничување на административните документи, стандарди за службени патувања, унапредување на безбедноста, подобрување на медиумското известување, строга контрола на објавите и промовирање штедливост и посветеност. Генералниот секретар Си Џинпинг даде личен пример со поедноставени посети и директни средби со граѓаните и кадрите. Според анкетата на Државниот завод за статистика на Кина, 94,9% од испитаниците сметаат дека оваа политика дала видливи и позитивни резултати, носејќи конкретни придобивки за народот.
Неодамна, Кина одржа низа активности по повод 80-годишнината од победата во Народноослободителната војна против јапонската агресија и во Втората светска антифашистичка војна, што предизвика светско внимание. Кoја порака ја пренесе Кина?
Целта на одбележувањето беше да се потсетиме на историјата, да им оддадеме почит на хероите, да ја цениме мирот и да градиме подобра иднина. Освен тоа, тоа беше јасна порака дека Кина решително ќе ги брани достигнувањата од таа победа и меѓународниот поредок по војната. Кинескиот народ, по 14 години жестока борба, оствари прва целосна победа над странски агресор во модерната историја, со огромни жртви и значаен придонес за спас на човештвото и зачувување на мирот. Денес, кога светот е пред нови предизвици, претседателот Си Џинпинг ја предложи Иницијативата за глобално управување – кинеско решение за пофер и поправеден светски поредок.
Истовремено, важно е да се нагласи дека Тајван е неотуѓив дел од Кина – тоа е историја и факт, и тоа не смее да биде доведено во прашање. Кина ќе продолжи да се залага за мирен развој и ќе соработува со сите земји за изградба на заедница со заедничка иднина за човештвото.






