Во престрелка пред Општина Куманово ранет Зекирија Шахини од ДУИ
07/10/2025 18:26
Денеска нешто пред 14 часот, пред зградата на Општина Куманово, беше извршено пукање врз возилото на Зекирија Шахини, носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково. Настанот се случил на само неколку метри од полициската станица, судот и обвинителството.
Шахини се здобил со четири прострелни рани и веднаш бил пренесен на скопските клиники. Според првичните информации, тој е надвор од животна опасност.
Улицата „11 Ноември“ е целосно блокирана додека трае увидот, а на терен се голем број припадници на полицијата со панцири и автоматско оружје. Потрагата по сторителот е во тек.
Од Основното јавно обвинителство Куманово информираат дека двајца јавни обвинители излегле на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење.
„Првичните индиции не укажуваат на политички мотиви зад денешната престрелка, но сите околности околу настанот се темелно проверуваат“, соопштија од обвинителството.






