Почина 31-годишниот маж повреден во престрелката на Бит Пазар
26/04/2025 8:23Трагичен епилог по вчерашната престрелка на Бит Пазар: 31-годишниот А.С. од Скопје, кој беше тешко повреден во вооружениот инцидент, им подлегнал на повредите, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во врска со пукањето на Бит Пазар, ве известуваме дека повредениот А.С. (31) им подлегнал на повредите“, информираат од МВР.
Инцидентот се случи во петокот попладне, околу 14 часот, на улицата „Војдан Чернодрински“, во близина на пазарот. Во СВР Скопје било пријавено дека има пукање од огнено оружје, по што полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар веднаш излегле на местото на настанот.
На терен било потврдено дека се работи за вооружена престрелка, при што едно лице било тешко повредено и со итна медицинска помош било префрлено во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај напорите на лекарите, повредениот не успеал да преживее.
Од местото на настанот се подигнати повеќе чаури, а полициски екипи спроведуваат увид и работат на расчистување на случајот.
Засега нема официјални информации за осомничени или уапсени лица, ниту детали за мотивот зад престрелката.







