MKinformer

your daily dose of news

Прва операција со стереотаксија во Македонија – ново поглавје за Клиниката за неврохирургија

21/10/2025 13:02

Минатата недела на Клиниката за неврохирургија во Скопје за првпат беше изведена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy) — минимално инвазивна постапка што овозможува прецизно земање примерок од мозочното ткиво за дијагноза и анализа.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека ова претставува „ново поглавје во развојот на јавните здравствени установи“ и дека воведувањето на вакви методи е голем чекор кон модернизација на домашната медицина.

„Станува збор за минимално инвазивна постапка со рамка поставена на главата на пациентот. Со тридимензионални пресметки се одредува точната локација за интервенција, а потоа се зема материјал за анализа,“ појасни министерот Алиу.


Поддршка од меѓународни експерти

Пред изведбата на интервенцијата се спроведоа обемни подготовки во соработка со тим од Бразил, предводен од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло и инженерот Антонио Мартос Калво.

Работниот тим кој ја изведе операцијата го сочинуваа д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).


Потенцијал за идни медицински достигнувања

Директорот на Клиниката за неврохирургија, д-р Љуљзим Агаи, истакна дека оваа постапка отвора нови можности за развој на функционалната неврохирургија и за лекување на невродегенеративни заболувања, поради кои пациентите досега мораа да се испраќаат во странство.

„Посебна благодарност до тимот од операционите сали и до Клиниката за радиологија за нивната поддршка. Ова е голем чекор кон создавање современ систем за неврохируршка нега во Македонија,“ рече Агаи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!