MKinformer

your daily dose of news

Алиу: Дигитален портал за следење на листите за чекање

19/06/2026 10:33

Дигитален портал ги открива вистинските листи за чекање – пациентите ќе знаат каде се

Министерството за здравство подготвува револуционерен дигитален портал преку кој граѓаните ќе можат во реално време да ја следат вистинската состојба на листите за чекање за операции. Оваа мерка, најавена од министерот Азир Алиу, треба да стави крај на манипулациите и притисоците врз пациентите да се префрлат на приватни интервенции.

Крај на манипулациите со листите за чекање

Наместо да зависат од информациите што ги добиваат од лекарите, пациентите ќе имаат увид во своето место на листата. Министерот истакна дека досега имало случаи каде на пациентите им било кажано дека ќе чекаат три месеци за операција на државно, но доколку сакаат побрзо, можат да се оперираат приватно, без да знаат дека всушност не се толку високо на листата.

„Проблемот не е цената на приватната услуга, туку недоволната информираност на пациентот. Сега секој граѓанин од својот мобилен телефон ќе може точно да види колкава е реалната листа за чекање кај конкретен доктор“, изјави Алиу.

Целосна контрола врз здравствените податоци

Новиот здравствен систем ќе овозможи секој пациент да има целосна контрола врз сопствените медицински податоци. Граѓаните ќе можат во реално време да видат кој пристапувал до нивното електронско досие, а ќе имаат и можност сами да одредат кои информации ќе бидат достапни за одредени лекари.

„Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците. Можете да одберете тие податоци да ги гледате само вие и одреден специјалист“, објасни министерот.

Итната помош ќе се следи во реално време

Паралелно, Министерството подготвува и централизиран софтвер за Итната медицинска помош, преку кој пациентите ќе можат да ги следат возилата во реално време. Системот ќе ја одредува најбрзата маршрута до пациентот, што треба значително да го намали времето на одговор.

Алиу истакна дека во Македонија пациентите понекогаш чекаат од 30 до 40 минути, додека во Словенија тоа време изнесува од 7 до 8 минути.

„Во здравството времето е лек, не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, порача министерот.

Одговор на злоупотребата во Прилеп

Најавата доаѓа само неколку дена откако МВР соопшти дека вработен на шалтер во Општата болница во Прилеп фотографирал дебитна картичка на пациент, по што во период од четири месеци извршил 71 интернет-трансакција и повлекол 90.174 денари. Против 40-годишниот прилепчанец е поднесена кривична пријава.

Кога ќе биде готов порталот?

Министерот Алиу очекува новиот софтвер да биде целосно имплементиран во рок од пет до шест месеци. Во рамки на реформите, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итната медицинска помош, а во завршна фаза е постапката за набавка на 100 нови амбулантни возила.

error: Содржината е заштитена од копирање !!