Стевче Јакимовски решителен: „Карпош не се купува со пари, се освојува со работа и љубов кон народот“
21/10/2025 18:00
Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за нов мандат, Стевче Јакимовски, со силна и инспиративна порака им се обрати на граѓаните преку својата официјална страница на „Фејсбук“. Во објавата, тој испрати јасна порака дека нема да дозволи неправдите и нерамноправниот третман да ја запрат неговата мисија за Карпош.
„Вратите ги затворивте, прозорците ги затворивте… ама јас, ќе влезам преку оџак!“, напиша Јакимовски со препознатливата решителност и дух кој веќе со години го карактеризира неговото политичко дејствување.
Тој посочи дека одобрениот буџет за неговата кампања од 3.500 евра, наспроти 56.000 евра за неговиот противкандидат, не претставува пречка, туку мотив повеќе да докаже дека поддршката од народот не се купува со пари, туку се заслужува со искрена работа, чесност и љубов кон граѓаните.
„Џабе ви е брашното, џабе ви се заканите, министрите и негативната кампања. Моите проекти зборуваат сами за себе“, порача тој, нагласувајќи дека неговата најголема сила е довербата која ја има од Карпошани.
Со оваа порака, Јакимовски уште еднаш потврди дека ќе води позитивна и транспарентна кампања, насочена кон луѓето, проектите и иднината на Карпош.
„Карпош не се купува со пари, се освојува со работа, чесност и љубов кон народот,“ заврши Јакимовски.






