Јакимовски до Лукровски: Што правиш бе човек, народот не се купува со попуст во приватна болница
29/10/2025 10:01
Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за нов мандат, Стевче Јакимовски, остро реагираше на потезите на својот политички противник, кој повторно се обидува преку рекламирање на приватна болница да привлече внимание во предизборниот период.
„Што правиш, бе човек? Втор ден по ред ја рекламираш Систина! Толку ли сте во паника?“ – напиша Јакимовски на својот фејсбук-профил, додавајќи дека ваквите потези се нефер и некоректни, како кон јавното здравство, така и кон останатите приватни клиники.
Тој предупреди дека ваквите акции претставуваат чист предизборен поткуп, обид да се добијат поени со попусти и проценти наместо со идеи и визија.
„Кога нема идеи – се делат попусти. Кога нема визија – се нудат проценти. А кога се губи – се фаќа сламка за спас. Народот не се купува со попуст!“, порача Јакимовски, потенцирајќи дека граѓаните на Карпош заслужуваат чесна и достоинствена кампања, а не евтин маркетинг.
Со оваа објава, Јакимовски уште еднаш ја потврди својата позиција дека изборите треба да бидат натпревар во идеи и дела, а не во реклами и маркетиншки трикови.






