MKinformer

your daily dose of news

(ФОТО) Инцидент пред избори: Вознемиреност во Волино и Требеништа по приведување на набљудувачи

31/10/2025 21:36

Вечерва во селото Требеништа, општина Дебрца, се одигра вистинска драма откако полициски службеници од СВР Охрид лишиле од слобода две лица од селото Волино. Според првични и неофицијални информации, возилото со кое се движеле било запрено по претходна пријава, а при претрес биле пронајдени запалки, флаери и список за кој се претпоставува дека е дел од избирачкиот список.

Приведените, според информациите, се регистрирани набљудувачи во вториот круг од локалните избори во општина Дебрца, ангажирани во изборниот штаб на актуелниот градоначалник и независен кандидат за нов мандат, Зоран Ногачески. Изворите тврдат дека пронајдениот список е дел од нивната службена документација и не укажува на каква било злоупотреба.

По консултација со јавен обвинител, биле издадени насоки за нивно приведување. На местото на настанот пристигнал и поголем број полициски службеници и специјалци од ПЕП-службата, што предизвикало вознемиреност кај мештаните на Требеништа и Волино.

Фамилијата на приведените, кои поседуваат и американско државјанство, за медиумите изјави дека се разочарани и вознемирени од случката.
„Ова е голем срам. Доаѓаме во Македонија на одмор, а наместо мир, доживуваме непријатности“, рекоа блиски на приведените.

Градоначалникот Зоран Ногачески реагираше дека ваквите постапки се обид да се наруши изборниот процес, во време кога изборниот молк сè уште не е започнат.

Повеќе информации се очекуваат утре, кога Министерството за внатрешни работи ќе излезе со официјално соопштение.

Фотографиите од настанот можете да ги видите на фан страната на МК ИНФОРМЕР, добиени од порталот „ШИЛО Магазин“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!