Почнува дистрибуцијата на избирачките ливчиња за вториот круг од локалните избори
30/10/2025 10:10
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово започна дистрибуцијата на 1.013.357 избирачки ливчиња за вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Во недела, граѓаните ќе гласаат за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, додека во сабота ќе го остварат своето избирачко право болни и изнемоштени лица, затвореници и лицата во домашен притвор, чијашто документација е претходно одобрена од општинските изборни комисии.
Изборниот процес ќе го следат 1.569 набљудувачи, од кои 904 се домашни, а 651 меѓународен, како и 14 странски новинари акредитирани за известување. Дополнително, на 2 ноември ќе се одржи прегласување за советнички мандати на три избирачки места во општина Шуто Оризари, што може да влијае врз конечниот состав на Советот.
Град Скопје и главните изборни трки
Во Градот Скопје право на глас имаат 474.394 избирачи, кои ќе избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата) и Амар Мециновиќ (Левица). Во првиот круг Ѓорѓиевски доби 91.663 гласа, а Мециновиќ 30.665 гласа.
Втор круг ќе се одржи и во Карпош, Центар, Аеродром и Шуто Оризари.
-
Во Карпош, актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски ќе се соочи со Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг Лукровски доби 10.284 гласа, а Јакимовски 8.761. Во оваа општина право на глас имаат 56.856 избирачи.
-
Во Аеродром, изборот е меѓу Дејан Митески (ВМРО-ДПМНЕ) со 16.357 гласа и Александар Трајановски (СДСМ) со 6.881 глас. Таму има 68.772 гласачи.
-
Во Центар, во вториот круг влегуваат Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ) со 5.707 гласа и актуелниот градоначалник Горан Герасимовски (СДСМ) со 8.535 гласа.
-
Во Шуто Оризари, изборната трка се води меѓу Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ) со 1.841 глас и Курто Дудуш (Унија на Ромите) со 3.223 гласа.
Втор круг и нови избори во повеќе општини
Втор круг ќе има и во Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебрца, Демир Капија, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.
Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово ќе се организира нова изборна постапка, бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност.





